Најдобрата македонска кошаркарка објави крај на кариерата на само 32 години

Сега веќе е и официјално, Јелена Антиќ повеќе нема професионално да игра кошарка. Една од најдобрите македонски кошаркарки во историјата објави крај на активното играње на само 32 години.

„Имав само 15 години кога заминав од дома за да го следам својот сон. Мојот кошаркарски сон. 17 години подоцна може да кажам дека кошарката ми го подари светот. Светот на можности. Јас ѝ ги дадов срцето, телото и умот. Вистинска длабока љубов. Но, последните години беа исцрпувачки, физички и психички. Ти благодарам за се добро и лошо, за сите победи и порази, насмевки и солзи, сеќавања и лузни“…

Ова се зборовите на Јелена Антиќ, или подобро речено, реченици за „збогум“, за она што беше сите овие години наназад, во нејзината играчка кариера. И тоа не е се… Јелена не „мрда“ никаде…

„Ова не е збогум, само ќе те гледам од другата страна на линијата“ – гласи нејзината најава, нејзината потврда, порака, дека продолжува, дека останува во светот на кошарката.

Но сега од еден малку поинаков агол, секако не непознат за неа… Со тренерската кариера, не е „нова“, напротив, со искуство кое не е за занемарување.

Затоа што деновите на оној „принуден одмор“, Антиќ „не седеше мирна“, работеше, помагаше, и на клупско, но и и на она репрезентативно ниво.