Најави за нови заминувања од Вардар – се води кон реализација на „рускиот проект“

Игор Карачиќ е третиот ракометар на Вардар кој иако сезоната не е завршена, веќе е познато дека ќе го напушти клубот. Откако Хрватот во текот на вчерашниот ден потпише за Киелце, а претходно Мораеш се обврза на верност со Веспрем, а Кристопанс парафираше со ПСЖ, не стивнуваат најавите за нови заминувања.

На излезна врата од клубот е левиот бек Вуко Борозан за кого буквално има интерес од пола Европа, пред се од Франција, Германија и Шпанија. Во изминатите денови се појави информација дека и Иван Чупиќ сериозно ја разгледува понудата од Мешков Брест.

Ова значи дека полека но сигурно се чистат балканците од „црвено-црниот“ ростер, но од друга страна полека но сигурно на површина испливува она што се најавуваше пред почетокот и на оваа сезона

Вардар прераснува во руски национален проект – во превод „зборнаја во мало“. Во таа насока оди и информацијата дека Вардар сериозно разгледува можност за ангажман на десниот бек на Чеховски медведи, Александар Котов.

Па така следната година Вардар во најмала рака би имал најмалку шестмина Руси или цел еден тим. На лево крило е неприкосновениот Тимур Дибиров, додека на спротивната страна би останал сам Данил Шишкарев, секако доколку си замине Чупиќ.

На лев бек го има Сергеј Горбок, додека на десен е Дмитри Киселев, а еве можеби и Котов. На линијата од шест метри е Глеб Калараш.

Сето ова и не треба да чуди сооглед на тоа што газдата на клубот, Сергеј Самсоненко е Русин и притоа директор во селекцијата на неговата татковина каде што како селектор работи Едуард Кокшаров кој пак во Вардар е спортски директор.