Реал Мадрид во последните години одлучи да доведе млади фудбалери и кралскиот клуб моментално е полн со големи светски фудбалски таленти. Следното лето би можел да им се придружи уште еден, а тоа е Нико Вилијамс.
Реал Мадрид во последните години донесе неколку врвни млади фудбалери. Се започна со Винисиус Јуниор и Родриго, а продолжи со Едуардо Камавинго, Аурелиен Чоамени, Ардо Гулер и Џуд Белингам.
Претседателот на клубот Флорентино Перез има намера да продолжи со истата пракса и во иднина. Тој сака да создаде моќен клуб кој со години ќе доминира во шпанскиот и европскиот фудбал, па постојано се споменува доаѓањето на Килијан Мбапе.
Сепак, Французинот не е единствениот кој би можел да пристигне во Мадрид. Познатиот магазин Ел Чирингито донесе вистинска „бомба“ за навивачите на кралскиот клуб за 2024 година и тие тврдат дека младиот напаѓач на Атлетик Билбао, Нико Вилијамс би можел да дојде на „Сантијаго Бернабеу“.
21-годишниот фудбалер има договор со баскискиот тим до крајот на оваа сезона. Неговите настапи го привлекоа вниманието на Реал и кралскиот клуб сака да ја искористи можноста да го донесе бесплатно следното лето.
Ел Чирингито го означи евентуалното доведување на младиот напаѓач како триумф на Реал над Барселона, која покажува огромен интерес и за Вилијамс. Каталонците веќе се распрашуваа за него и претходно и Реал би можел да им го расипе договорот.
Интерес за младиот шпански репрезентативец доаѓа и од англиската Премиер лига и тој ќе има навистина тешка задача да избере нов клуб.