Најава за една блескава кариера: Алкарас направи нешто што им успеало само на Надал, Ѓоковиќ и Хјуит

Одамна Карлос Алкарас го запиша своето име во историјата на тенисот и најави дека ќе има блескава кариера, а со секој нов настап само го потврдува тоа.

Младиот Шпанец денеска обезбеди пласман во четвртфиналето од АТП турнирот во Пекинг што е негово 21. четвртфинале оваа сезона. Пред него, такво нешто пред 21. роденден направиле само тројца тенисери: Лејтон Хјуит во 2001, Рафаел Надал во 2005 и Новак Ѓоковиќ во 2007 година. Сите тројца направија блескави кариери каква, несомнено, ќе има и Шпанецот ако нешто сериозно не се смени во неговиот пристап.

Денешната победа против Лоренцо Мусети беше 60. оваа сезона за Алкарас, а во Пекинг тој го брка седмиот трофеј во сезоната. Се уште има шанса годината да ја заврши на првото место на АТП листата бидејќи во финишот од сезоната брани многу малку бодови, за разлика од Новак Ѓоковиќ.