На „Пандевци“ им недостасува искуство: Зрињски ја демолираше Академија Пандев среде Скопје

Екипата на Академија Пандев на своето европско деби забележа убедлив пораз во првиот натпревар од првото квалификациско коло од Лигата на Европа на арената „Тодор Проески“ во Скопје против Зрињски од Мостар со убедливи 3:0.

По овој пораз е јасно дека Академија Пандев ќе има неуспешно деби на европската сцена, а повеќе од очигледно е дека избраниците на Југослав Тренчовски се уште го немаат потребното искуство за настап на евро-сцената.

„Пандевци“ се обидуваа да наметнат своја игра, комбинираа, имаа неколку атрактивни проигрувања, меѓутоа грешките во нападот придонесоа за убедлив пораз од страна на Зрињски чии играчи искусно ги користеа „подароците“ на домаќините и свесно ги оставаа да грешат, а потоа преку убиствени противнапади дојдоа до победата.

Вицешампионот на Босна и Херцеговина веќе во 12. минута дојде до водство преку Ирфан Хоџиќ, по што гостите се повлекоа и ја оставија иницијативата на домаќините. Но, безидејноста пред противничкиот гол ги чинеше скапо, па во 28. минута по еден страшен противнапад Станиша Мандиќ ја затресе мрежата на Академија Пандев за водство од 2:0.

Гостите од Мостар имаа уште една шанса, додека пак Академија Пандев не успеа да упати ниту еден удар во рамките на голот во првото полувреме, а резултатот на паузата остана 0:2 во корист на гостите.

По само десетина минути игра во вториот дел Говедарица со својот погодок ги постави конечните 0:3 и на еден начин стави крај на надежите за Академија Пандев во пресрет на реваншот, кој ќе биде само формалност за екипата на Зрињски, а струмичката екипа ќе мора да поправи многу во својата игра за да остави подобар впечаток отколку на денешниот меч.