На Ѓоковиќ нема да му биде лесно ни во малото финале, Карењо-Буста најавува медал

Се очекуваше Новак Ѓоковиќ и Пабло Карењо-Буста да се борат за олимпиското злато во финалето, но наместо тоа ќе се борат за бронзата.

Шпанскиот тенисер во полуфиналето загуби од Русинот Карен Хачанов, но од неговата прва изјава по мечот се стекнува впечаток дека тој пораз не го деморализирал пред борбата за бронзата.

„Можеби не се чувствував како вчера, но Хачанов одигра многу добар меч. Одлично сервираше, правеше голем притисок врз мене и не бев така успешен. Штета, бидејќи тоа беше многу добра шанса да се најдам во финалето. Сега е време да размислам за следниот меч кој се игра утре, а што и понатаму е шанса за освојување на медал и не смеам да ја пропуштам“, самоуверен е Шпанецот.

Причина за оптимизам му дава и фактот дека до полуфиналето дојде со победа над вториот тенисер на светот, Данил Медведев.

„Вчера го добив мечот против светскиот број два, така што можам мирно да се борам за таа бронза. Ќе биде мошне тежок меч во кој ќе морам да ја дадам својата најдобра верзија, се надевам дека ќе победам и ќе си заминам оттука со задоволство“, заклучи Карењо-Буста.