На ЕП само вакцинирани и тестови на секои два дена

Европската ракометна федерација донесе одлука според која на Европското првенство во Унгарија и Словачка ќе можат да настапат само оние играчи кои се двапати вакцинирани или го прележале Ковид-19.

Исто така, секој втор ден ќе се спроведува задолжително ПЦР тестирање. Во случај да се открие зараза кај некој играч, остатокот од репрезентацијата мора да оди во изолација, но веднаш по покажување на негативен тест може да се врати на натпреварувањето.

„Сигурноста ни е приоритет. Овој систем во голема мерка ќе ги заштити сите директно вклучени во натпреварувањето. Истовремено, ако се открие случај на зараза, луѓето кои биле во контакт со позитивното лице нема да бидат прогласени за блиски контакти и, по негативен тест, ќе можат да продолжат со натпреварувањето“, изјави главниот секретар на ЕХФ, Мартин Хауслејтнер.

Истиот систем ќе биде применет и на престојното СП за жени кое се игра во декември. За разлика од претходните ракометни репрезентативни натпреварувања, нема да има балон систем, па играчите ќе можат слободно да се движат надвор од хотелот, иако ЕХФ препорачува тоа да се сведе на минимум.