На Бекер му пукна филмот и го нападна Кирјос: Не сакам стаорци

Борис Бекер очигледно не можеше повеќе да ги трпи јавните испади на Ник Кирјос и неговите навреди за колегите, без оглед на тоа колку се „виновни“ за нешто или не.

Легендарниот Германец преку Твитер започна расправија со австралискиот тенисер, а најголемиот проблем беа изјавите на проблематичниот Кирјос во последно време кои одеа на сметка на Новак Ѓоковиќ и Александар Зверев, кои учествуваа на Адрија Тур.

„Не сакам стаорци! Секој кој го тужи својот колега не ми е пријател. Се гледа себе си во огледало и мисли дека е подобар од нас. Сите живееме во пандемија, таа е ужасна и однесе многу животи. Мораме да ги штитиме семејствата и саканите и да следиме што ни велат лекарите, но сепак не сакам стаорци. Меѓу спортистите постојат непишани правила. Што ќе се случи на теренот останува на теренот, а тоа важи и за соблекувалната. За тоа никој не зборува во јавноста освен стаорци“, напиша Бекер на Твитер.

Австралиецот не му остана должен и веднаш реагираше во својот препознатлив стил, без никаков респект.

„Борис Бекер е поголема будала од што мислев. Очигледно не е баш најбистар“.

Германецот на крајот џентлменски му одговори дека очекува од него да го исполни потенцијалот и да освои Гренд Слем титула и дека би бил добар пример, но потребно е конечно да созрее.