МЗТ во одмаздничка мисија во Гостивар

Второто „пролетно“ коло од Првата македонска кошаркарска лига почнува вечерва со дербито меѓу Гостивар и МЗТ Скопје.

Актуелниот шампион на Македонија оди во Гостивар со желба да ја продолжи победничката серија во првенството, но и со два дополнителни мотива. Првиот – овој ривал е единствен кој успеа да го победи оваа сезона во домашниот шампионат и тоа во „Јане Сандански“, а вториот – гостиварци, од оправдани причини, не прифатија мечот да се игра ден порано со што МЗТ Скопје би добил повеќе време да се подготви за гостувањето кај Студентски Центар во АБА лигата.

Доаѓањето на шампионот секогаш е кошаркарски празник во Гостивар, па така се очекува да биде и вечерва од 19 часот. Последните информации од таборот на гостиварскиот прволигаш се дека сите болни и повредени кошаркари се во строј и подготвени за вечерашниот дуел. Гостивар е во серија лоши резултати бидејќи претрпе три порази во последните четири кола, па вечерва ќе бара рехабилитација и уште едно изненадување.

Шампионот исто така имаше проблеми со повредени и болни кошаркари претходниот период и ќе мора да ги чува силите за многу поважниот натпревар во Подгорица кој е на програмата в сабота. Последниот триумф на Гостивар против МЗТ Скопје на домашен терен е од 7 април 2021 година кога славеше со 65-51.

Новото, 13. коло од Првата македонска кошаркарска лига ќе почне денеска, а ќе трае до 1 февруари, поради настапите на ТФТ и Пелистер на турнирот од АБА 2 лигата.