Македонскиот шампион МЗТ Скопје доживеа тежок пораз во натпреварот на сезоната во АБА лигата по кој опстанокот делува како невозможна мисија.
Во директниот дуел со Борац во Чачак, тимот од Аеродром загуби со 84-105 по што остана само со теоретски шанси за спас. Тие шанси се сведуваат на максимални три победи на МЗТ и максимални три порази на Борац во последните кола од основниот дел на сезоната.

Повторно главен проблем на МЗТ Скопје беше одбраната бидејќи нашиот тим пак прими троцифрен број поени. Борац доминираше во најголемиот дел од мечот, а конечниот исход можеше да се насети уште во втората четвртина кога Борац поведе со 24 поени разлика.
Неизвесно беше до седмата минута од натпреварот кога МЗТ Скопје водеше со 17-16. Следуваше неспортски прекшрок од Кафи со што Борац почна серија од 11-0 за прва двоцифрена предност на српската екипа. МЗТ некако се држеше до почетокот на втората четвртина, но Борац потоа поведе со 41-24, нешто подоцна и со 53-29 и тука згаснаа сите надежи на македонскиот првак дека може да направи изненадување и да дојде до првата победа на гостински терен оваа сезона.

Факт е дека не само што МЗТ Скопје одигра лоша одбрана, туку и Борац имаше еден од своите најдобри денови во нападот. Во првото полувреме домашните кошаркари 16/21 а два поена, а натпреварот го заврши со одлични 63,2% за два и 49,2% вкупно од игра. МЗТ Скопје беше далеку од тоа, со 44,1% за два и 42,9% од игра, а оствари и десет скока помалку од противникот. Во првото полувреме во листата на стрелците кај Борац се запишаа девет кошаркари, а ниеден од нив немаше повеќе од седум поени.
На крајот, Кук беше најефикасен кај МЗТ со 20 поени, Миќовиќ додаде 18, а Војдан Стојановски 13.