МЗТ лесно се справи со Сутјеска и дојде до осмата победа во низа на домашен терен

Одличниот шут од поле, пред се за три поени, како и далеку подобрата тимска игра што резултира со поголем број асистенции (22-13), на кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром им ја донесе осмата победа по ред на домашен терен сезонава во АБА 2 лигата против секогаш незгодната Сутјеска со 88:78.

Првите 15-тина минути поминаа во иницијатива на противникот, кој во овој период оствари и двоцифрена позитива (33:22), по што следуваше неверојатна серија на МЗТ од 25:3 со која нашиот шампион направи пресврт и дојде до предност од 11 поени (47:36).

Од тој момент, до средината на последниот период, на теренот постоеше само тимот од Аеродром, кој дојде и до највисоката предност од 16 поени (67:51). Црногорскиот тим врати со десет поени во низа и намали на само минус шест (61:67) на пет минути до крајот на средбата. Тоа, сепак, не ги исплаши „Металците“, кои адекватно одговорија на налетот и брзо потоа повторно дојдоа до двоцифрена предност (79:63), која потоа умешно ја задржаа до самиот крај.

Мал проблем на двете екипи направија двете принудни паузи на барање на судиите, прво да се дислоцираат најверните навивачи на МЗТ, а потоа и целата сала. Причината беше фрлањето на тврди предмети на теренот од страна на популарните „Фемили“ кои неколку пати беа опоменати. По мало убедување, тоа се случи, по што средбата продолжи со позитивен крај за МЗТ.

Аеродромци постигнаа 15 тројки со 50 проценти прецизност, а имаа и девет асистенции повеќе (22-13), што беа клучните фактори во победата, со која останаа неприкосновени на втората позиција на табелата со учинок 12-4.

Стојановски средбата ја заврши со 28 поени, додека Ерон Харис и Бојан Крстевски реализираа по 14 поени. Кај гостите убедливо најдобар беше поранешниот кошаркар на МЗТ Скопје, Никола Павличевиќ, со дури 36 постигнати поени.

Македонскиот шампион следниот дуел во АБА 2 лигата ќе го одигра во вторник и тоа на гости кај поранешниот европски шампион, Сплит.