МЗТ добива две засилувања за Цедевита, но Трајковски ќе паузира две недели

450

Паузата поради репрезентативниот прозорец на ФИБА, тренерот на МЗТ Скопје, Жељко Лукајиќ, го искористи прво за рекуперација на екипата по завршниот турнир од Купот на Македонија каде што по деветти пат екипата од Аеродром дојде до победничкиот пехар, а потоа и за напорни тренинзи во пресрет на последните средби од АБА и клучниот дел од сезоната во домашното првенство.

Добра вест за стручниот штаб е што за следниот натпревар ќе добие две „засилувања“, односно се враќаат Марко Симоновски и Ѓорѓе Мајсторовиќ, кои подолг период беа вон стројот. Македонскиот репрезентативец имаше проблем со мускулот на ногата, а српскиот интернационалец отсуствуваше поради скршен нос. Двајцата веќе извесен период тренираат во полн ритам и се очекува да бидат во тимот на задутрешниот дуел со Цедевита, последен на домашен терен сезонава во регионалното натпреварување.

За да не биде баш сѐ идеално, се погрижи информацијата за повредата на Бојан Трајковски, кој по завршувањето на обврските со репрезентацијата на Македонија почуствува болка во тетивите. Лекарските прегледи покажаа дека не е нешто посериозно, но препорачаа двонеделен одмор за крилниот центар по што повторно ќе се евалуира неговата ситуација. Ова значи дека Трајковски сигурно ќе ги пропушти средбите со Цедевита и Морнар во АБА, како и дуелот со Гостивар во домашното првенство кој најверојатно ќе се игра во вторник.

Задутрешната пресметка против Цедевита е со почеток од 17 часот во СЦ „Јане Сандански“.