Мурињо во свој стил: Ја освојувам Лигата на Европа и влегувам во историјата на Тотенхем

Самиот за себе рече дека е „Специјален“. Што и да направи, Мурињо привлекува внимание. Секогаш наоѓа начин ситуацијата, барем во јавноста, да ја сврти во своја корист, па и покрај тоа што во Премиер лигата не му оди најдобро, фокусот го насочува кон Лигата на Европа.

Во второто по квалитет натпреварување во Европа, Спарси прикажуваат значително подобри игри отколку во првенството. Релативно лесно ја мина групата, а по 4:1 во првиот меч со Волфсбергер, се очекува лесен пласман во осминафиналето.

Но, Португалецот е фокусиран на финалето во Гдањск на 26 мај.

„Мирен сум. Сигурен во себе и тоа што го работам. Не сум задоволен, но зрелоста ми помага да ме краси самодоверба. Верувам дека ќе ја освоиме Лигата на Европа и дека во историјата на Тотенхем ќе бидам од добри причини. Не лоши“, вели Мурињо.

Мурињо со Тотенхем освоил најмалку бодови во првите 50 меча, во однос на сите други клубови кои ги водел во кариерата.

„Фала Богу што не сум веќе тренер каков што некогаш бев. Се се менува. Некогаш имав проблеми – не во смисла на резултати, бидејќи немав многу лоши – на дневна база, реагирав премногу емотивно. Наместо тоа веднаш да ми помогне, создаде конфликти. На пример, го напуштив Челзи како шампион на Англија. Можеби годините помагаат да реагирате поискусно во некои ситуации, како што јас сум поподготвен да се носам со негативните моменти. Сега сум спокоен“, вели Мурињо и објаснува:

„Способен сум да ги контролирам емоциите, но никој од нас нема копче за расположение. Мојата природа не се менува. Кога ќе загубам натпревар нормално дека не можам да бидам задоволен. За среќа, тоа што имам повеќе години ми помага полесно да ги пребродам ситуациите“.

После секој лош резултати, критичарите велат дека е веќе е прочитан и не е во мода, но за тие има порака во вид на 25 трофеи.

„Баш би сакал да знам кој тренер секогаш одел по облаци, на кого никогаш не му било облачно и мрачно. Можеби само оној тренер кој водел доминантен тим во некоја лига. Е, тоа покажува колку мојата кариера е убава. И не, тоа не ме прави депресивен. Напротив, претставува предизвик“.

Жозе јасно става до знаење дека не е задоволен од третманот во островската јавност.

„Некогаш изговараме контроверзни зборови, некои кои другите не ги разбираат, некои навистина грди, но тоа не е случај со мене. Претходниот викенд еден од моите колеги отиде предалеку изговарајќи некои зборови, меѓутоа, тоа е друга приказна, бидејќи не е кажана од Жозе Мурињо. Е, тоа е проблемот“, додаде „Специјалниот“.

Ситуацијата со Герет Бејл се промени, па сега Мурињо го фали.

„Посебен фудбалер. Се уверивме во тоа за време на второто полувреме од гостувањето кај Вест Хем, кога даде позитивен печат и одигра квалитетен натпревар. Центрираше, создаде неколку шанси, ја погоди пречката. Беше во своето најдобро издание“, изјави Мурињо.