Мурињо ја одбил понудата од Лион, сака да се врати во Англија

Силвињо ја напушти тренерската позиција во Лион. Капката која ја прелеа чашата беше поразот од Сент Етјен и од тогаш Лион е во потрага по нов тренер.

„РМЦ Спорт“ денеска пренесува дека претседателот на Лион Жан Мишел Ола ги засилил напорите во потрагата по нов тренер, а наводно имал разговор и со Жозе Мурињо.

Сепак, Мурињо го одбил проектот на Ола и Лион. Тој му се заблагодарил на првиот човек на „Лавовите“ и изразил задоволство што воопшто бил контактиран, но понудата ја одбил бидејќи сака да пронајде работа во Англија, каде живее неговото семејство.

Мурињо пропушти шанса да работи во уште едно првенство кое котира меѓу петте најсилни во Европа, но неговата желба е јасна. По водењето на Челзи во два мандати, а потоа и Манчестер Јунајтед кој беше негов последен клуб, Мурињо сака да се врати во Премиер лигата, а англиските медиуми сметаат дека тој е еден од кандидатите за менаџерската позиција во Тотенхем.

Од друга страна, Лион ќе се насочи кон Лорен Блан со кого раководството на францускиот клуб треба да започне преговори.