По неколкуте катастрофи последните месеци, раководството на Фудбалскиот сојуз на Германија го отпушти Ханси Флик, преодно решение беше Руди Фелер, а од денеска на таа функција е Јулијан Нагелсман.
Еден од младите и талентирани германски стручњаци не е изненадување на оваа позиција, но изненадување е тајмингот бидејќи со оглед на тоа што има само 36 години, на неа го очекуваа најрано за една деценија. Сепак, се погоди тоа што тој од пред неколку месеци е слободен затоа што од необјаснети причини доби отказ на тренерската позиција во Баерн, па можеше веднаш да се нафати на новата работа и да ја подготви репрезентацијата за Европското првенство чиј домаќин ќе биде токму Германија.
За да го преземе националниот тим, Нагелсман требаше да се договори со Баерн бидејќи се уште беше на неговиот платен список, со оглед на тоа што клубот го раскина меѓусебниот, важечки договор. Според него, до јуни 2026 година, младиот стручњак требаше да добие вкупно 20 милиони евра, но да не работи ништо што не е добро за неговиот развој како тренер. И со селекторскиот договор не му е лошо бидејќи во следните десет месеци ќе добие вкупно четири милиони евра (400 илјади месечно), а во исто време ќе може да ја нападне европската круна и да води една од најсилните репрезентации во светот. По завршувањето на Европското првенство ќе може да бара нов клуб или, евентуално, да потпише нов договор со Фудбалскиот сојуз на Германија и да остане на селекторската функција.
Интерес за Нагелсман покажуваше Реал кој го гледаше како замена за Карло Анчелоти идното лето, па не е исклучено желбата на Флорентино Перес да се оствари и германскиот стручњак да го преземе мадридскиот гигант.