МОК и Хелсиншки комитет започнуваат обуки за родова еднаквост

Денеска во конференциската сала на СЦ Јане Сандански при ОКСМ започна првата обука за Родова еднаквост предводена од експертки од Хелсиншкиот Комитет за човекови права. Во оваа серија на обуки вклучени се пет федерации: Тениска, Карате, Стрелаштво, Боречка и Кошаркарска федерација.

Целта на обуките е да се едуцираат спортиските, спортските работнички како и раководството на националните спортски федерации за креирање на родово еднакви политики и еднаков третман во структурите и делувањето на овие федерации.

Овие обуки се првата активност од програмата на Комисијата за родова еднаквост при Олимпискиот Комитет и се основаат на склученото иновативно партнерство помеѓу Олимпискиот и Хелсиншкиот Комитет.

„Горда сум што за прв пат започнуваме со ваков тип на обуки и градење на капацитети на националните спортски федерации. Ова е револуционерен исчекор и значително ќе придонесе кон креирање на родово еднаков спорт кај нас“, изјави на отварањето претседателката на родовата комисија за еднаквост – Силвија Митевска.

„Ни претставува големо задоволство што ја започнуваме оваа соработка со Хелсиншкиот Комитет и ќе се залагам ова да не биде само една активност туку да има одржливост и долготрајно партнерство на тема родова еднаквост во спорт“, се надоврза претседателот на ОКСМ Даниел Димевски и им посака добредојде на сите учеснички на обуката.

„Спортот е сметан за екслузивен домен на мажите а ние сме тука тоа да го промениме и да ги сузбиеме предрасудите со кои се соочуваат жените во спортот. Благодарам за соработката и можноста Хелсинкшкиот Комитет да биде активен и проминентен чинител со цел унапредување на родовата еднаквост во спортот“, изјави извршната директорка Уранија Пировска.

На петте федерации кои учествуваат на оваа серија на обуки ќе им бидат доделени свечени плакети на гала настанот “Спортски оскари за најдобри жени во спортот“, кој ќе се одржи во месец Декември 2021.