Младиот напаѓач ќе собира искуство, Ростов го испрати Давид Тошевски на позајмица

Македонскиот младински репрезентативец и поранешен фудбалер на Работнички, Давид Тошевски, до крајот на сезоната ќе настапува во екипата на Тамбов како позајмен играч од тимот на Ростов.

Тошевски заминува кај „фенерџијата“ во рускиот шампионат каде би требало да добие поголема минутажа и ќе треба да собира искуство, а такво нешто е неопходно за еден млад фудбалер, особено по трансфер од лига како македонската во руската.

Екипата на Тамбов се бори за опстанок во руската Премиер лига, а во Тошевски гледаат играч кој ќе може да им помогне со подобрување на реализацијата. Дебито на 19-годишниот фудбалер се очекува овој викенд кога Тамбов ќе се соочи со Волгоград, тим кој исто така е на дното на табелата.

Тошевски редовно настапува за младинските репрезентации на Македонија, а оваа сезона во редовите на Ростов одигра на шест натпревари, но не успеа да постигне погодок.