Миркуловски: Ги изненадивме Словенците без Лазаров, но пропуштивме убава шанса

Филип Миркуловски, еден од најискусните во нашиот состав и помошник на селекторот Лазаров во стручниот штаб, не го криеше разочарувањето по поразот од Словенија на отворањето на ЕП, пред се поради добрата игра на нашата репрезентација.

„Одигравме релативно добар меч. Пресудни беа техничките грешки, а за ваков меч беа премногу. Одлично почнавме, па Словенците направија серија и тука требаше да го издржиме притисокот. Пропуштивме една убава шанса за триумф затоа што и Словенците како да беа во грч. Изгледа не очекуваа дека можеме да одиграме вака без Лазаров“, изјави Миркуловски и додаде:

„Лазаров, и пред да се повреди, беше планирано да има помала минутажа, а помладите ракометари да добијат поголема шанса и да го понесат товарот, со цел да се гради новата генерација. Покажаа дека имаат квалитет и во напад и во одбрана. Има иднина во нив, само штета што добрата игра не ја претворивме во триумф“, истакна популарниот Жути.