Меси се огласи и на социјалните мрежи по емотивната прес-конференција

Лионел Меси си замина од Барселона. Реченица која никој не очекуваше да ја прочита, овие денови стана реалност бидејќи каталонскиот клуб нема можности да го регистрира својот најдобар играч во историјата. Затоа, разделбата беше неизбежна, а денешната прес-конференција на доскорешниот капитен на Барселона предизвика бура од емоции.

Со долг аплауз од сите присутни, Меси плачеше на бината и си заминува од Барселона по 21 година.

По збогувањето со своите досегашни соиграчи, пријатели, стручниот штаб, раководството и поранешните играчи на клубот како Чави и Пујол, Меси со своето семејство го напушти „Камп Ноу“.

После се, Меси се огласи и на социјалните мрежи.

„Би сакал да си заминев на поинаков начин, но претпоставувам дека простувањето никогаш не може да биде убава работа. Сакав да останам тука. Направив се за да се оствари таа цел, но на крајот тоа не се случи. Имам само благодарност до сите кои беа крај мене толку години во клубот. А за навивачите, кои ми ја дадоа сета своја љубов и која се обидов да им ја вратам – дадов се за овој дрес. Си одам. Ова не е збогум. Ќе се видиме повторно“, напиша Меси на Фејсбук.