Меси нема дилеми: И против Барса ќе се борам за победа

За разлика од Чави и Иниеста кои заминаа на друг континент да ги довршат своите кариери за да не играат против Барселона, Лионел Меси ќе остане во Европа и можно е веќе следната сезона да заигра повторно на Камп Ноу, во Лигата на шампионите.

И ако се случи тоа, тој нема дилема дека ќе го даде својот максимум и дека ќе се труди да победи.

„Луѓето овде ме знаат и знаат каков борец сум. Сигурно дека ќе се борам за победа и за трофеи, па дури и против Барселона. Сакам да ме памтат како фудбалер кој се борел за најголемите трофеи.

Ќе се обидам да освојам барем уште една Лига на шампиони. Бев блиску и со Барселона, но не успеавме, други беа подобри од нас. Сигурен сум дека со Барселона можевме барем уште еднаш да триумфираме, но сакам и натаму да освојувам трофеи“, заклучи Меси.

Како екипи кои не беа шампиони во своите земји, Барселона и ПСЖ ќе бидат сместени во вториот шешир при ждрепката за Лигата на шампионите што значи дека не можат да играат еден против друг во групната фаза. Тоа, сепак, може да се случи во нокаут фазата како минатата сезона кога се сретнаа во осминафиналето.