Мекгрегор се враќа на боксот, се подготвува спектакл со Пакјао

Можеби го сака вниманието на светската јавност и добра тепачка, но најголемата страст на Конор Мекгрегор по се изгледа се парите. Поинаку не може да се објасни неговиот последен потег.

Еден од најголемите ММА борци на сите времиња, секако и најбогат, сака повторно да се врати во боксерскиот ринг иако кон почетокот на годината по подолго време повторно ги облече ракавиците и влезе во УФЦ октагонот. И оствари експресна победа над Доналд Сероне.

„Чекав противник во УФЦ, многу имиња се споменуваа, а потоа удри и оваа пандемија. Бидејќи е јасно дека нема да има навивачи на мечевите одлучив да се повлечам и да пробам нешто друго“, објави 33-годишниот Ирец.

Се чини дека тоа беше се од него кога станува збор за УФЦ бидејќи повторно се насочува кон боксот каде пред три години заработи милиони во онаа циркус претстава против Флојд Мејведер во Лас Вегас. Шоуто го привлече вниманието на јавноста, за веднаш потоа да биде заборавено, што доволно говори за квалитетот на истото.

И покрај сето тоа, лудиот Ирец и Мани Пакјао се во преговори и се се чини дека двајцата ќе си ги одмерат силите. Прашањето е колку тоа ќе биде интересно бидејќи лоша стока за големи пари можеш да продадеш еднаш, втор пат тешко. Очигледно дека се смета на статусот на божество кое Пакјао го има во родните Филипини, а тоа се веќе доволно гледачи за да се земе некое милионче. Така барем сметаат тие двајца и нивниот заеднички менаџер, Оди Атар.

„На кого му е гајле што се случило, важно е што ќе биде, па јавувам дека мојот следен меч е против Мани Пакјао на Блискиот Исток“, тврди повеќекратниот УФЦ шампион.

Легендарниот филипински боксер, моментално најстар првак бидејќи го има ВБА појасот во велтер категорија, исто така сака да најде лукративен начин да ја заврши навистина неверојатната кариера, а можеби токму дуелот со Мекгрегор би можел да биде тоа. Тешко дека би се повториле цифрите како во мечот со Мејведер, но тоа би било доволно за убава спортска пензија.

Циркус или не, таквите „интердисциплинарни“ борби сигурно не носат добро за боречките спортови, туку пред се за оние кои не се спортисти, разни менаџери и промотери. Но, на кого му е гајле за историјата, традицијата, квалитетот, важно е да се заработи некое милионче.