Медведев е нов лидер, Ѓоковиќ падна на третото место

Рускиот тенисер Данил Медведев денеска официјално се врати на челната позиција на АТП листата откако на тенисерите им се запишаа бодовите освоени на „Ролан Гарос“.

Досегашниот лидер Новак Ѓоковиќ падна на третата позиција бидејќи не успеа да ја одбрани титулата и загуби голем број бодови во однос на минатата сезона. Од првото место падна со вкупно 373 недели на врвот што е апсолутен рекорд во машкиот тенис.

Втор од денеска е Александар Зверев кој доживеа тешка повреда во Париз, но профитираше од лошиот пласман на Ѓоковиќ. Рафаел Надал е четврти со само 245 бода помалку од српскиот тенисер и сигурно ќе го помине по завршувањето на Вимблдон каде оваа сезона нема да се доделуваат бодови.