Мартина Петреска од КК „Чоле“ се избори за учестово на Европското карате првенство

По цели 12 години Охрид ќе има свој претставник на Европско карате првенство, откако младата и надежна каратистка од Охрид, Мартина Петреска викендов избори пласман за учество на Европско првенство за кадети и јуниори до 21 година, што кон средината на јуни ќе се одржи во Прага.

Нејзиниот тренер во карате клубот „Чоле-Охрид“, Дејан Чолески вели дека е особено горд што ќе имаме натпреварувач што ќе ги брани боите на градот и државата на ова престижно првенство.

„На наша чест имаме изборен претставник што ќе нé претставува како охриѓани на Европското првенство за кадети и јуниори до 21 година што ќе се одржи во Прага. Мартина Петреска избори пласман во репрезентацијата во категорија до 54 кг. за кадети. Во изминатов период од 2010 година до денес во карате репрезентација за на Европско првенство, воопшто од Охрид, не бил никој после Везира Тотик која учествуваше во 2010 на Европско во Нови Сад“, истакна Чолески.

Каратистката Мартина Петреска има 14 години, а со карате се занимава веќе 8 години, како член на клубот „Чоле-Охрид“. Желбата да тренира карате потекнува од нејзиниот брат, кој исто така се занимава со овој спорт.

„Мојата желба за да тренирам дојде од мојот постар брат кој тренира карате, уште како мала одев на негови тренинзи. Имам учествувано на меѓународни натпревари во кати и борби и два пати на Балкански првенства во кати. Изминатиот викенд се натпреварував во борби до 54 кг. и обезбедив пласман на Европско првенство што ќе се одржи на средината на јуни во Прага, Чешка. Се надевам дека ќе се вратам со медал од ова натпреварување и ќе го израдувам градот“, потенцира Петреска.

Инаку карате клубот „Чоле – Охрид“ е формиран во 2002 година и годинава ќе одбележи јубилеј, 20 години постоење.

„Карате клубот влече корени од првиот клуб за карате во Охрид на кој е основач мојот татко, заедно со уште двајца негови колеги. Тренинзи до 2019 година реализиравме во гимназијата, а сега сме во сала во ОУ „Христо Узунов“, тоа е нова сала што ја изградивме со наши средства и ќе остане во наследство на школото и на градот.Тренираме спортско карате, со тренинзи може да се почне од 5-6 години, а горна граница нема. Се почнува од бел појас, но јас секогаш на тренинг кажувам дека појасот служи за да чува споено кимоното и ништо друго“, подвлече Чолески.

Перидот на корона пандемијата ги погоди и нив, па на одржување на формата работеле онлајн, а кога дозволувало времето и условите и надвор.

Во однос на плановите за годинава покрај Европското во Прага, каратисти од клубот ќе учествуваат на неколку првенства во Македонија, но и надвор, во различни категории.

„Имаме некоклку турнири низ нашата држава, но и Балканско првенство за деца на кое што имаме двајца претсавници од нашиот клуб, но има и од клубот Кун-су-то од Охрид ќе учествуваат, па ќе имаме заднички тренинзи и подготовки. Следно ќе биде изборно првенство за кадети за учество на Светско првенство и на крај на годината уште едно изборно првенство за Европското што ќе се одржи во февруари догодина. Станува збор за првенства во различни категории – кадети, јуниори, У 21, сениори“, вели Чолески.

Особено го радува фактот што младите сé повеќе се занимаваат и сакаат да спорт, независно каков и се радува што Охрид како град има потенцијал и раѓа деца кои може да нé претставуваат на значајни првенства.

Инаку, на квалификациското државно првенство каде Петреска обезбеди учество на Европско, од охридскиот клуб учествуваа уште четворица каратисти. Стефан Н. Петрески и Мартина Костоска освоија трето место и пласман за Балканско, Стефан Р. Петрески до 21 година освои две трети места, а Симон Петрески беше трет на државно и втор на изборното, со многу тесна поен разлика за пласман на Европско.