Марка ја претстави нашата репрезентација: Македонија како приказната за Пепелашка

На точно еден месец пред почетокот на Европското првенство, шпанскиот весник Марка ги претстави репрезентациите кои ќе учествуваат на него.

Меѓу нив е и Македонија која ќе дебитира на овие натпреварувања, во годината кога одбележува три децении од своето осамостојување.

„Планот на УЕФА за промоција на земјите со помала фудбалска традиција почнува со Македонија. Балканската репрезентација е единствен дебитант на претстојното првенство и тоа благодарение на новововедената Лига на нации во 2019 година.

Со 37-годишниот Пандев, наследниците на Филип Втори и Александар Македонски ја живеат приказната на Пепелашка, но нивното предупредување кон ривалите е големо: победата против Германија во квалификациите за Светското првенство во Катар“, пишува во текстот за Македонија.

Својот прв натпревар нашата репрезентација го игра на 13 јуни во Букурешт, против Австрија од 18 часот.