Македонската кошаркарска репрезентација се уште го има најголемиот успех на еден наш национален тим, со четвртото место освоено на Европското првенство во Литванија пред 12 години.
Таа екипа ја красеше единство, хомогеност и пожртвуваност и како резултат на тоа дојде на еден кош од бронзениот медал. Оттогаш, се тргна надолу за македонската кошарка во која последната деценија повеќе има борба на суети, отколку добри резултати.
Од осамостојувањето на Македонија и годините пред тоа, нашата кошарка изроди неколку играчи кои оставија белег не само во земјава, туку и во странство. Сепак, нивниот број е многу мал, на прстите од две раце (без натурализираните кошаркари) можат да се избројат оние кои можат да го добијат статусот легенда. Затоа и зачудува нивниот меѓусебен однос и нетрпеливост што се некои од причините за тоа што македонската кошарка е заглавена во кал и тешко излегува од него.
Не е тајна тоа дека поранешниот претседател на Федерацијата, Петар Наумоски и сегашниот, Перо Антиќ не се трпат, а сличен е и односот на некогашниот директор на репрезентацијата Врбица Стефанов со Антиќ. Наумоски и Антиќ се во меѓусебна војна од 2015 година кога тогашниот прв човек на Федерацијата го обвини Перо дека тој е виновен за лошите игри на Европското првенство затоа што одбил да игра за националниот тим. Антиќ во свој стил му врати и следните години можевме да бидеме сведоци на нивно јавно препукување. Кавгата на Антиќ и Стефанов е од „детски“ причини, нетипични за луѓе од нивен калибар и легенди на македонскиот спорт.
Можеби нема врска едно со друго, но симптоматично е и тоа што децата на сите тројца се занимаваат со кошарка, а само на Антиќ игра за македонската репрезентација. Синот на Стефанов, Рубин лани дебитираше за сениорскиот национален тим против Шпанија, но потоа одби да игра за јуниорската репрезентација на европските првенства, додека Михаил Наумоски не се јави на повикот за М20 селекцијата. Лука Антиќ беше член на кадетската репрезентација која летово играше на Европското првенство во Скопје.