Македонскиот шампион победнички низ Белград: МЗТ Скопје подобар од Динамик

Добрата форма во која се наоѓаат во последно време, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ја потврдија со значајниот триумф на вечерашното гостување кај српски Динамик (92-82), со кој ја задржавме втората позиција на табелата во АБА2-лигата.

Домашниот тим нешто подобро го почна натпреварот, па уште по неколку воведни минути дојде до седум поени разлика (9-2 и 21-14). Тоа како да ги подразбуди нашите кошаркари, кои вратија со осум поени во низа и првата четвртина ја завршија со минимално водство (22-21). Изедначеноста на паркетот траеше сѐ до финишот од овој дел од играта, кога почна серијата тројки на нашите момци, кои благодарение на проектилите од далечина направија серија 20-4, по која дојдоа дури и до двоцифрена позитива (58-47).

Добрата форма на избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов и акумулираното искуство собрано од играње натпревари речиси секој трет ден дојде до израз во последните 15 минути, во кои умешно го одбиваа секој напад на противникот. Секогаш кога загустуваше доаѓаше некој прецизен шут за тројка, најчесто од вечерва расположените за шут Џабари Хиндс, Бојан Крстевски и Ерон Харис.

МЗТ Скопје Аеродром на средина од последната четвртина дојде до највисоките плус 13 (84-71), со кои ја најави значајната победа во борбата за самиот врз на табелата во АБА2-лигата и тоа против тим кој е во серија од четири триумфи по ред. „Металците“ и по деветтата рунда остануваат на втората позиција на табелата, со учинок 7-2, односно со една победа помалку за Борац Чачак, кој вечерва како гостин го совлада незгодниот Широки.

Хиндс одигра уште една фантастична средба, која ја заврши со дабл-дабл ефект од 22 поени (четири тројки) и 13 асистенции. Веднаш зад него беа Крстевски со 21 (3/5 за тројка) и Дамјан Стојановски со 19 поени, додека додека двоцифрен поентерски ефект имаше и Харис со 16 поени (3/3 за тројка).

Следен противник во регионалното натпреварување ни е тимот на Нови Пазар, кој ќе гостува во Скопје следната среда. Претходно, в недела, пред сино-белите кошаркари е уште едно тешко гостување од Првата лига и тоа кај сезонава одличниот Еуро Никел во Кавадарци.