Македонскиот репрезентативец од Италија: Ова е веќе неиздржливо

Андреј Јакимовски останува во Италија. Нашиот млад репрезентативец останува во Торино, се до некои добри, „незаразени“ времиња. Крајот на кризата предизвикана со корона-вирусот ќе го дочека во карантин, во апартманот кој го доби на користење од страна на клубот од Торино.

Во тие 50-60 квадрати во центарот на Торино, нашиот репрезентативец го прослави својот 19.роденден.

Дали освен роденденската торта на „трпезата“ во твојот апартман имаше и уште нешто.

„Да, уште и традиционалната пица, тоа е незаобиколен момент во Италија“ – сака малку да се пошегува нашиот репрезентатиевц, последниот наш кошаркарски репрезент кој остана да „се бори“ со коронавирусот.

Се наоѓа во центарот на жариштето, како што тоа обично се вели за вакви прилики.

„Глетката не е убава, особено не кога прославуваш роденден. Но што е тука е. Околностите се такви какви што се, мора да се издржи и една ваква криза“

Дефинитивно момент за кризирање кај Андреј и неговиот соиграч и цимер од Малта, особено што стекнува и втората седмица од домашната самоизолација.

Како се снаоѓаат овие млади луѓе во услови кога околината е заразена, во услови кога на „чизмата“ има и голем број на смртоносни случаи од вирусот кој ги прекина сите спортски активности во светот.

„Искрено, како одминуваат деновиве, станува се потешко и потешко. Среќа е што ‘долу’ имаме маркет од каде можеме да се снабдуваме со оние основи продукти за нормално живеење, ако ова може да се нарече нормално“- појаснува момчето од Крива Паланка кое пред два дена скромно го прослави роденденот.

Она што уште повеќе го мачи новопечениот сениорски репрезентативец е неизвесноста која со себе ја носи иднината?

„Апсолутно никој не знае што носи следниот ден, а да не говориме за идните чекори на кошаркарски план. Еве веќе две недели и повеќе, не сум допрел топка, а ситуацијата е крајно непозната. Никој не знае ништо, особено за оној спортски дел, кога дали, што… Ние го завршивме регуларниот дел, останува да го доиграме плеј-офот, ако воопшто се игра. Прочитав некаде дека има 40.000 и повеќе, заразени луѓе во Италија, но има подготвеност првенствата да продолжат. Кога, не се знае… Катастрофа… Не знам како планираат да се продолжи со играњето. Но ова веќе не се издржува. Но, што е, тука е… Старите добро рекле, трпение-спасение. Само ова да не потрае предолго, не е добро за никој“- гласи рапортот на младиот македонски репрезентативец од центарот на корона-кризата во Европа.

Другиот наш „Италијанец“ Марко Миловановиќ имаше повеќе среќа. Неговиот клуб порано ги заврши натпреварите, па стигна да го чекира авио-билетот за Скопје.