Македонската репрезентација може да влезе во историјата на ракометот

Од 10 до 28 јануари 2024 година, Германија ќе биде домаќин на Европското првенство во ракомет, а ЕХФ и организаторот се решени тоа да биде историско по многу параметри.

На 118 дена пред стартот, претпоставките се дека на првите натпревари кои ќе се играат на фудбалскиот стадион Меркур Шпил Арена во Дизелдорф ќе има 50 илјади гледачи. На отворањето ќе настапи македонската репрезентација против Франција што значи дека нашиот национален тим би можел да влезе во историјата на ракометот, играјќи го натпреварот со најмногу посетители во постоењето на овој спорт.

Светскиот рекорд во овој момент го држат Рајн Некар Левен и Хамбург кои на 6 септември 2014 година играа пред 44.189 гледачи во Франкфурт. Што се однесува до европските првенства, најмногу посетители имаше во Будимпешта минатата година – 20.022.

Официјално, се уште не се продадени сите влезници за натпреварите Македонија-Франција и Германија-Швајцарија на 10 јануари, но, како што тврди ЕХФ, повеќе не можат да се купат билети во слободна продажба.