Македонија сака да организира две Европски првенства

Македонската одбојка ја искористи шансата за промоција на големата европската сцена, а со тоа го зголеми сопственото реноме и овозможи креирање нови планови со реални, а до неодамна незамисливи цели за сите што ја создадоа и учествуваа во реализацијата на успешната резултатска приказна годинава.

Одбојкарската федерација на Македонија аплицираше за организација на две европски првенства, на сениорското машко во 2023-тата и на женското за одбојкарки до 19 години во 2022-ра

Следејќи ги сопствените амбиции за да се искористи позитивниот момент, но и чувствувајќи ја довербата на Европската одбојкарска конфедерација, раководните луѓе на нашата одбојка истакнаа кандидатура за организација на два големи настана. На состанокот во седиштето на ЦЕВ во Луксембург, ОФМ достави апликација да биде домаќин на комплетното Европско првенство за одбојкарки до 19 години, а потоа и да организира една од четирите група од сениорското машко Европско првенство.

За воопшто да може да разговара со ЦЕВ за олку големи проекти, Одбојкарската федерација побара и доби писмена гаранција од македонската Влада којашто се обврза да помогне во обезбедување финанскиски, материјални, функционални и просторни услови за достојна организиција на овие врвни спортски натпреварувања.

По формалното аплицирање од ОФМ, останува да се почека позитивната оценка од раководството на ЦЕВ, па македонската одбојка да се најде на европската мапа и во претстојниот период. Доколку одговорот биде во наша полза, тоа ќе значи дека машката репрезентација ќе биде сигурен учесник на евросамитот во 2023-та, па доколку успее да ја мине групата за пласман на континенталниот собир за две години отсега, тоа ќе значи остваруваење на постојаноста од настапи на европските првенства што би требало да поттикне процес на создавање нова репрезентативна генерација како двигател на нашата одбојка.

Од друга страна, пак, организација на целосниот евроволеј за девојки до 19 години во 2022-рата ќе значи шанса да почне периодот на формирање женска репрезентација, а со тоа и да се отвори можноста масовноста во женската одбојка да се претвори во квалитет.

Одбојкарската федерација засега го направи своето, а бордот на ЦЕВ треба да ги разгледа апликациите и да донесе конечна одлука којашто ќе зависи и од тоа колку кандидати има, каква е нивната моќ и досегашните организациски резултати, како и се разбира од визијата на цев за развој на одбојкарскиот спорт.