Македонија прокоцка убедливо водство и по три продолженија загуби од Израел

Македонската кошаркарска репрезентација до 16 години забележа пораз на Европското првенство од репрезентацијата на Израел со 99:90.

Македонија и Израел одиграа интересен и драматичен меч дополнет со неизвесна завршница, а на крајот се радуваа Израелците по три одиграни продолженија, иако претходно нашата репрезентација имаше убедливо водство.

Нашите кошаркари се бореа храбро, три четвртини беа далеку подобар противник и имаа контрола на играта, а во последната четвртина влегоа и со предност од 17 поени, односно 45:62, но ниту тоа не беше доволно за завршницата да се внесе во рутина и да се запише победа на овој натпревар, па така нашите кошаркарски надежи го забележаа вториот пораз на ова ЕП, по оној од Шпанија во првото коло.

Вистинска драма се случуваше во последните мигови од регуларниот дел кога нашата репрезентација имаше водство од 72:70, но направи две грешки во низа и му дозволија на Израел да се врати со 72:72. Нашата репрезентација имаше 17 секунди до крајот да го искористи нападот за победа, но не успеавме да погодиме.

Во првото продолжение се играше израмнето, а на шест секунди пред крајот израел имаше предност од 80:79. Македонија доби две слободни фрлања, од кои само едно беше искористено за 80:80. Во второто продолжение одново нова голема борба и израмнето, по што се влезе во третото продолжение во кое нашите репрезентативци успеаја да постигнат само два поени.

Најдобар во нашиот состав беше Митревски со 22 поени, Мемед додаде 16, а Наков имаше 13 поени и 10 скока. Следниот меч нашата репрезентација ќе го игра утре против Летонија.