Македонија поразена од Египет во првата пријателска

Македонската ракометна репрезентација загуби од селекцијата на Египет со 32:25 во првиот пријателски натпревар кој се одигра во Каиро.

Избраниците на Кире Лазаров беа во игра 40-тина минути против фаворитот на овој натпревар. Се до втората половина на второто полувреме, Македонија беше во игра за добар резултат, но Египет направи серија и поведе со пет гола разлика, која на крајот беше и зголемена, па на крајот дојдоа и до заслужена победа.

Македонија добро го започна мечот, имаше и водство на почетокот, за Египет да направи серија од 3:0 по што го презеде водството кое го држеше се до полувремето кога на паузата замина со предност од 12:10.

Во второто полувреме, Македонија израмни против селекцијата на Парондо на 13:13, се држеше во егал до 16:16, по што Египет се консолидираше, а нашата репрезентација падна во ритамот, а тоа резултираше со серија на домаќините и водство кое до крајот беше недостижно.

Никола Митревски собра 11 одбрани и беше еден од најдобрите поединци во нашите редови, а Филип Талески беше најефикасен со шест погодоци. Четири гола постигна Цветан Кузманоски, а Филип Кузмановски постигна еден помалку.

Македонија и Египет утре во истиот термин ќе одиграат уште еден пријателски натпревар во Каиро.