Македонија доби уште еден ФИБА кошаркарски агент – младиот Венко Крстевски најавува посветена работа

Македонската кошарка за жал во моментов може да се пофали со мал број официјални ФИБА кошаркарски агенти, но оваа листа од денес е побогата за уште едно ново име.

Станува збор за младиот, 30-годишен Венко Крстевски кој денес во седиштето на ФИБА, во швајцарски Миес успешно го положи испитот со кој влезе во светот на агентите.

„Во Македонија има голем играчки и тренерски потенцијал, како во машката, така и во женска кошарка. Нашите клубови во последните неколку сезони во голема мера решија да им дадат простор за игра на многу помлади играчи, нешто што позитивно се рефлектира на младинските селекции.Секој играч и тренер кој отскокнува со квалитетот овде сметам дека заслужува шанса во поквалитетни натпреварувања и посериозни клубови“, изјави Крстевски и додаде:

„Со текот на времето ќе имаме кошаркарска мрежа која ќе им помага на нашите играчи, тренери и сите лица кои го сочинуваат стручниот штаб (помошен тренер, кондиционен тренер, скаут, физиотерапевт итн.) за унапредување на своите вештини и знаења, исто така и повеќе опции за работа“.