Натурализираниот македонски репрезентативец Ти Џеј Шортс уште еднаш ја разнесе конкуренцијата во германското првенство.
Четврти пат во последните осум кола, плејмејкерот на Телеком Бон е прогласен за играч на колото во Бундеслигата со што уште еднаш ја потврди фаворитската улога за признанието за МВП на сезоната. И сега, како и на претходните натпревари, немаше дилема бидејќи против Олденбург постигна 30 поени со 92% прецизност од игра и индекс 42.
Во германското првенство досега се одиграни 16 кола што значи дека Шортс, во просек, е МВП на колото во секој четврти круг. Благодарение на него, Телеком Бон во моментов е на делба на првото место во Бундеслигата со шампионот Алба кој има натпревар помалку.
Формата на Шортс е одлична вест за селекторот Александар Јончевски пред февруарскиот „прозорец“ од претквалификациите за Европското првенство во 2025 година во кои македонската репрезентација ги игра клучните дуели против Словачка и Норвешка.