Луис Хамилтон казнет по сензационалната победа во Бразил

Луис Хамилтон имаше мошне тежок викенд зад себе, но на крајот истиот го заврши на најдобриот можен начин – со неверојатен подвиг и победа на Интерлагос.

Хамилтон стартуваше од десеттата позиција, но на крајот успеа да триумфира благодарение на феноменално подготвениот болид на Мерцедес и дојде до својата 101 победа во кариерата.

Британецот зад себе го имаше најтешкиот викенд во кариерата за што призна и по трката бидејќи претходно беше дисквалификуван од квалификациите, а беше казнет и со пет места назадување поради промена на делови од моторот.

„Во пресрет на овој викенд не верував дека толку ќе ја намалиме негативата како што направивме денес. Работите одеа против нас. Но, мислам дека ова покажува дека никогаш не треба да се откажете, неважно со што се соочувате. Морате да продолжите да се борите, не смеете никогаш да се откажете. Така пристапив и овој викенд и од тоа црпев инспирација. Но, оваа победа ми е како прва бидејќи веќе подолго време немам победено“, изјави светскиот првак и додаде:

„Притискав колку што можев. Стартував последен во спринт трката, а имав и пет места казна. Мислам дека ова ми беше најтешкиот викенд во кариерата. Но, татко ми ме потсети на 2004 година кога возев Формула 3 во Бахреин. Стартував последен и завршив 10-ти, а потоа завршив прв. Оваа победа е за мојот татко“, порача Британецот.

По трката тој доби и казна која за негова среќа нема да влијае на конечниот исход на трката и бодовниот учинок.

Имено, тој заработи парична казна од 25.000 евра бидејќи го вееше бразилското знаме без врзан појас што е спротивно на правилникот.

Британецот со победата во Бразил го намали заостанувањето зад Ферстапен на 14 бода, а до крајот на оваа исклучително возбудлива и неизвесна сезона остануваат уште три трки.