Луд финиш на Силвестоун: Хамилтон успеа да победи и со пукната гума

Финиш каков што одамна не е виден на патеките во Формула 1! Луис Хамилтон победи на во трката за Големата награда на Велика Британија, но до триумфот дојде по големата драма во последниот круг.

Иако во текот на целата трка беше убедливо прв и полека возеше кон уште една победа во кариерата, Британецот доживеа стрес во последниот круг бидејќи му пукна гумата! Она што е уште поневеројатно, истото му се случи и на неговиот тимски колега Валтери Ботас, исто така во самиот финиш, но тој не успеа да ја одбрани позицијата.

Макс Ферстапен ја искористи оваа несреќа на вториот возач на Мерцедес и го освои второто место, а да не заминеше во боксот за да ги замени пневматиците, можеби ќе можеше и да го предизвика и Хамилтон. Вака, со „три и пол“ гуми Луис Хамилтон дојде до целта и запиша нов триумф во сезоната, трет во низа, а вкупно 87. во кариерата. Уште четири му недостасуваат да го достигне рекордерот Михаел Шумахер.

На крајот Валтери Ботас заврши дури како 11-ти, додека место на победничкиот пиедестал доби и Шарл Леклер од Ферари.