Ливерпул потврди: Повредата на Ван Дајк е сериозна, најмалку пола година во „аут“

Еден од најдобрите дефанзивци во Премиер лигата, Вирхил ван Дајк нема да се врати на фудбалските терени најрано до април, потврдија британските медиуми.

Ливерпул ја потврди сериозноста на повредата, но не сакаше да прогнозира кога Холанѓанецот повторно би заиграл. Јасно е само дека тој ќе мора на операција на лигаментите на десното колено што изискува пауза од најмалку шест месеци.

До повредата дојде на вчерашното градско дерби против Евертон кое заврши без победник, а во кое на Ван Дајк крвнички стартуваше противничкиот голман Џордан Пикфорд. Ова е само еден од низата проблеми со кои се соочи Ливерпул сезонава. Првиот голман Алисон Бекер одамна е повреден, Мане имаше корона пред репрезентативната пауза, а сега дојде и повредата на холандскиот ас што ќе биде тешко надоместливо во претстојниот период.