Ливерпул има нова, но евтина желба: Хрватски репрезентативец на мета на Клоп

Ливерпул зад себе има сезона полна со турбуленции, па по се изгледа Јирген Клоп ќе го освежува тимот со поевтини опции во летниот преоден рок.

„Ливерпул Ехо“ пишува дека се уште актуелниот англиски шампион е заинтересиран за фудбалерот на Волфсбург и хрватски репрезентативец, Јосип Брекало.

Брекало не е секогаш стандарден првотимец во Волфсбург, па неговите бројки и не се особено импресивни, но новинарите тврдат дека го привлекол вниманието на Клоп поради смиреноста при противничкиот пресинг што е многу важен сегмент во играта на Ливерпул.

Исто така, неговите тренери ги истакнуваат неверојатните физички предиспозиции на кои би „завиделе и врвните атлетичари“.

Брекало игра на крилните позиции и е проценет на 12.000.000 евра што не е сума која би претставувала проблем на „Енфилд“ каде по пропаѓањето на Суперлигата ќе мора да се штеди.

Ливерпул не е единствениот заинтересиран за Брекало, бидејќи за неговиот потпис размислуваат Милан, Арсенал, Атлетико Мадрид и Рома.