Центарот на Партизан, Матијас Лесор е суспендиран на три натпревари и парично казнет со 10 илјади евра поради инцидентот на „вечното“ дерби одиграно во понеделникот.
АБА го казни Французинот поради „туркање и подоцна удирање на кошаркарот на Црвена Звезда, Филип Петрушев“, се наведува во одлуката на дисциплинскиот судија Хрвоје Видан. Поради оваа казна, Лесор ќе ги пропушти натпреварите против Олимпија, ФМП и Игокеа, но Партизан имаше среќа што дуелот со Будуќност е одложен, па ќе го има својот центар за исклучително важното гостување во Подгорица.
Сепак, тоа е минимална казна за ваков прекршок, максималната изнесува 15 натпревари, а Видан објасни зошто донел таква одлука.
„Досегашното однесување на Матијас Лесор не упатува на заклучок дека ќе го повтори прекршокот, па дисциплинскиот судија примени парична казна во долна граница и минимална пропишана суспензија од три натпревари. Воедно, тој смета дека со оваа казна е изразен прекор соодветен на околностите на извршениот прекршок“, се вели, меѓу другото, во образложението на одлуката.
Лесор беше најдобар играч на натпреварот против Црвена Звезда, но и МВП на колото во АБА лигата, постигнувајќи 27 поени, 8 скока и дури 14 изнудени лични грешки. Сепак, сето тоа го засени со потегот, непосредно по завршувањето на натпреварот кога физички го нападна Петрушев и предизвика инцидент на теренот.