Лекиќ: Македонците имаат необјаснива љубов кон ракометот, имав незаборавни 5 години во Скопје

Поранешната ракометарка на ЖРК Вардар, Андреа Лекиќ, во интервју дадено за „Вечерње новости“, зборуваше на повеќе теми, а се осврна и на нејзиниот период поминат во Скопје.

Лекиќ пет години го носеше дресот на Вардар и посебно е горда на тој период, па раскажа за нејзините убави сеќавања и моменти минати во Македонија.

После цели 10 години, Лекиќ се враќа во Љубљана:

Да, тоа е мојата прва куќа надвор од Србија, таму ме врзуваат убави спомени. Љубљана беше победа над стравот првата година кога ја напуштив мојата земја, потоа се тргна фантастично. Подоцна во Ѓер апслутно се оформив како ракометарка, па во Вардар имав 5 незаборавни години“.

„Единствено ми останува жал што не освоив со Вардар ЛШ. Меѓутоа, тоа е средина која најмногу ќе ја паметам, затоа што љубовта која Македонците ја имаат кон ракометот е необјаснива. Тоа е несомнено спорт број 1 во таа земја, секогаш полни трибини, срдечни и гостопримливи луѓе“, се присеќа Андреа Лекиќ.