Легендарниот Гаскојн во одбрана на Марадона и му одговори на Шилтон

Питер Шилтон овие денови е централна тема по медиумите. Тој се најде во фокусот поради „Божјата рака“ на Марадона на СП 1986 токму против Англија чиј голман тогаш беше токму Шилтон. Дел од англиските медиуми токму за ова говореше по смртта на Марадона, а Шилтон истакна дека Аргентинецот бил голем играч, но не бил голем спортист бидејќи никогаш не признал дека бил измамник и не се извинил јавно за неговиот потег.

Кратко потоа се огласи контроверзниот Пол Гаскојн. Еден од најдобрите англиски фудбалери во 20 век имаше подеднакво бурен живот како Марадона и признава дека играл под дејство на алкохол против Севиља со својот Лацио. Тој тоа му го рекол на Марадона во тунелот пред мечот, по што и Марадона му одговорил: „Не се грижи Газа, и јас сум…“.

На тој меч Лацио ја доби Севиља, а Газа нанижа неколку играчи и даде гол. Отишол кај Марадона и му рекол: „Да те видиме сега тебе“.

„Многу грдо се чувствував после тоа, сфатив дека тој може да направи се, па иако не даде гол на тој натпревар, смешно е да се споредувам со него“, вели Гаскојн.

Кога станува збор за зборовите на Шилтон, славниот и подеднакво контроверзен Англичанец беше јасен и застана во одбрана на Аргентинецот.

„Па, да не беше Марадона, фудбалската икона, никој немаше да знае кој е Шилтон“.