Леброн Џејмс не сака да се откаже од сезоната во НБА

НБА сезоната беше прекината на 11 март и се уште не е познато дали и кога ќе продолжи.

Леброн Џејмс, ѕвездата на НБА лигата и предводник на Лос Анџелес Лејкерс, изрази голема желба да продолжи сезоната иако е свесен дека кошарката без навивачи нема смисла.

„Дефинитивно, не сум кренал раце од сезоната. Моите соиграчи и јас, сите во Лејкерс, сакаме да играме. Голем е бројот на играчи кои знам дека сакаат да играат. Би сакал повторно да играм, ја обожавам кошарката. Знам дека го инспирираме целиот спорт. Што е можно побрзо, сакаме да ја вратиме кошарката на нашите навивачи“, изјави Џејмс.

Се шпекулира дека продолжението од натпреварувањето би можело да биде во еден или неколку градови во САД.

„Секако, не сакаме да го загрозиме здравјето на нашите играчи или нивните семејства. Тоа е пандемија за која немаме поим, која не можеме да ја контролираме. Ќе ги слушаме луѓето кои ја следат пандемијата, бројките, податоците, но сакаме што е можно побрзо да се вратиме на играњето“, јасен е Џејмс.