Лазаров е горд на своите играчи: Заслуживме барем бод

Македонија со пораз го стартуваше Европското првенство, откако на првиот натпревар во Дебрецин нашата репрезентација загуби од Словенија со 27:25.

И покрај поразот, младата Македонија покажа карактер и квалитет, но сепак пресуден беше недостатокот на искуство. Селекторот Лазаров по мечот истакна дека е задоволен од изданието на своите избраници.

„Горд сум на тоа како одиграа момците. Словенија има играчи кои се дел од најсилните екипи во Европа. Мислам дека заслуживме барем бод, а можеби и два. Успеавме да спроведеме доста работи на теренот. Физички ги уморивме и ги надигравме, но не верувавме до крај дека можеме да ги добиеме. Се обидов да ги убедам дека можат, но не успеав и затоа сум разочаран. На вистинскиот пат сме и треба да продолжиме така. Треба да заборавиме на овој пораз и да одиграме два добри натпревари против Данска и Црна Гора“, изјави Лазаров.

„Прво треба да ја совладаме Црна Гора, а тоа нема да биде лесно. Секој натпревар, посебно кога е одлучувачки, е посебно тежок, но мислам дека ќе бидеме се подобри и подобри. Дај боже да отидеме во следната фаза, затоа што за овие момци многу ќе значи да одиграат уште четири меча. Штета што направивме грешки од недоволно доверба. Но, одиме напред заеднички да се обидеме да го изградиме тоа што го сакаме“, истакна Лазаров.