Лапорта ја најави ерата без Меси: Се договоривме, но не можев да го задолжам клубот

Откако вчера Барселона објави дека Лионел Меси си заминува, денеска од 11 часот се одржа прес-конференција на која пред новинарите се обрати претседателот на клубот, Жоан Лапорта.

Лапорта ја потврди одлуката, а потоа се обиде детално да ја образложи целата ситуација со Меси.

„Финансиската ситуација и бројките се полоши од што се мислеше. Нашиот актуелен баланс за плати не ни остава ниту милиметар за маневрирање, а не блокира и финансискиот фер-плеј. Не можам да донесам одлука која би го уништила клубот. Барса е најважна“, изјави Лапорта и додаде:

„Со Меси ги договоривме сите детали од договорот, дури и си пруживме рака, но едноставно не можеме да го регистрираме. Финансискиот фер-плеј е најголемиот проблем. За жал, наследивме финансиска ситуација во која ситуацијата со платите е едноставно неодржлива“.

Лапорта откри дека платите на играчите изнесуваат 110 проценти од добивките на клубот и дека нема никаков простор, а дека раководството на клубот и понатаму се бори за да го спаси клубот од катастрофа.

„Кога го презедовме клубот, бројките кои ни беа прикажани беа сосема поинакви од реалните. Предвидените загуби се огромни, предвидениот долг е преголем“.

Признава дека желбата на Меси била да остане во клубот.

„Да бидеме јасни, Меси сакаше да остане. Имаше договор со клубот и тој не беше под знак прашалник. Сакам да му се заблагодарам и нему и на сите негови луѓе на преговорите. За жал, ги прекинавме поради правилата на Ла Лига. Тажен сум, но направивме се што можевме да го задржиме. “, истакна Лапорта и потоа ја изусти реченицата од која стравува секој навивач на Барселона:

„Почнуваме нова ера без Меси, ќе му бидеме вечно благодарни“.

На прашањето дали има шанси за пресврт и Меси да остане, тој рече: „Не сакам да давам лажна надеж дека нешто може да се промени. Меси може да бара нов клуб“.

Постоела и опција според која Меси би можел да остане.

„Единствениот начин да го испочитуваме фер-плејот беше договор со Ла Лига во следните 50 години да зема дел од парите од ТВ правата со цел да се подмири долгот. Тоа не можев да го прифатам бидејќи не сакам клубот да биде нечиј заложник. Барселона е институција над сите нас, па и над Меси“.

„Помотивирани сме повеќе од било кога за и без Меси да продолжиме да бидеме успешни и да ги развеселуваме нашите навивачи. Секако дека ми е жал дека поради ситуацијата со коронавирусот и како сето ова се одигра што нема да можеме на Меси да му приредиме простување какво што заслужува. Тој може да одбере како сака и кога сака да го испратиме како што доликува. Сепак, ова беше одлука која мораше да се донесе. Тука се работи за историја долга 122 години“, порача првиот човек на Барселона.