Куман: Меси беше вистински тиранин, со него нема глупирање

Тренерот на Барселона Роналд Куман во големо ексклузивно интервју за холандски „Voetbal International“ отворено говореше за состојбата во Барселона и за други теми, а „Goal.com“ пренесе делови кои се однесуваат на Лео Меси, соработката со него и ерата по неговото заминување во ПСЖ.

Куман откри дека Меси на тренинзите бил вистински тиранин и дека мразел да губи во било која игра или вежба. Истакнува дека со својот карактер го извлекувал најдоброто од соиграчите.

Лео Меси ги замаскира сите проблеми во екипата. Беше толку добар, вистински победник“, изјави Куман.

„Секако дека беше опкружен со добри играчи, но тој ја правеше разликата. Сите поради него беа подобри. Тоа не е критика, само опсервација.

Знаев колку е добар, но сепак беше убаво да се гледа тоа одблиску од ден на ден. Се што сакаш да научиш еден играч, препознавање на ситуацијата, земање на топката под притисок, брзина со топката, завршницата, кај Меси сето тоа беше за десетка. Тоа не е нормално.

Кога на тренинзите работевме на шутирањето, некои играчи почнуваа со лесни удари, малку се глупираа. Но, со Меси сето тоа беше бум, бум, бум. Без двоумење, секогаш ефикасно. И секогаш сакаше да победува во се.

Кога играчите се во круг, а другите се додаваат околу нив, ако спојат 20 додавања, овие во средината повторно се на ред. Ако тоа им се случи третпат, играчите формираат два реда, а овие кои биле во средина мораат да поминат низ нив додека првите ги удираат.

Го прашав Меси дали некогаш него му се случило такво нешто. ‘Да, еднаш’, ми рече. За сите овие години. Со него постарите играчи никогаш на тренинг немаат загубено од помладите. Му се случи еднаш и една недела сериозно беше лут поради тоа. Вистински тиранин“, раскажа Куман.

Вели дека неговото отсуство и тоа како се чувствува на тренинзите и дека некои играчи не работат со еднаков интензитет како додека Меси бил тука.

Кога станав тренер, разговарав со него во неговата куќа во Кастелдефелс. Веднаш забележав колку е инволвиран и заинтересиран за фудбалот.

Почетокот беше тежок и лош и беше разочаран поради сето она што се случуваше тоа лето. Но, подоцна Меси се извини за тоа. Покажуваше се повеќе и повеќе ентузијазам. Изведбата со него беше совршена. Понекогаш на тренинзите имаме вежби во која мораш да погодиш мал гол. Пред некој ден го видов Ансу Фати како го промаши голот од три метри, само поради недостаток на концентрација. Такво нешто не би му се случило да беше Меси тука, бидејќи тој ќе полудеше.

Освен Јохан Кројф, никогаш не сум запознал некој со толкава фудбалска интелигенција. Мојот помошник Алфред Шрудер понекогаш објаснува вежби на англиски, кој Меси баш и не го зборува добро. Но, по само неколку секунди се разбира.

Минатата сезона донесе 50 гола – 30 постигна и 20 ги намести. Беше вистински пример за соиграчите. Кога го освоивме купот, а Меси веќе освои толку многу поголеми трофеи, видовте и самите дека овој пат навистина му значеше многу. Во сите тие млади играчи виде иднина на клубот. Сите тие момчиња сакаа да се фотографираат со него по мечот, никогаш не сум видел такво нешто.

Толку беше голем и уште е. Беше шок за целата екипа што повеќе не е тука“, изјави Куман.