Шампионската ера на Голден Стејт Вориорс по се изгледа е пред својот крај и малкумина се оние кои веруваат дека тимот од Сан Франциско може повторно да се вмеша во борбата за титулата.
Не само затоа што главните играчи се веќе во поодминати години и далеку од најдобрата форма, туку и поради тензијата во екипата што се создаде по конфликтот меѓу Дрејмонд Грин и Џордан Пул кој тренерот Стив Кер го означи како клучен момент за неуспехот оваа сезона. Сепак, една од најважните работи, ако не е и најважна е таа што архитектот на шампионскиот тим на Голден Стејт е пред заминување.
Станува збор за генералниот менаџер Боб Мајерс кој буквално му состави на Кер, екипа која е подготвена да се бори за шампионскиот трофеј. Функцијата ја презеде во 2012 година, на првиот драфт ги донесе Дрејмонд Грин, Харисон Барнс и Фестус Езели, а најважен потег му беше ангажманот на Кевин Дурант четири години подоцна.
Договорот на Мајерс со Голден Стејт истекува во јули 2024 година, но од него зависи дали ќе остане во Сан Франциско и претстојната сезона. Конечната одлука треба да ја донесе наскоро, можеби веќе на почетокот од јуни. За неговите услуги е заинтересиран Лос Анџелес Клиперс, тој има конекции со овој град бидејќи студирал на УКЛА и во 1995 година ја освоил шампионската титула во НЦАА и нема да биде изненадување ако одлучи да се врати таму. Не е исклучено со него да тргне и Грин, а Голден Стејт да почне нов циклус што секако нема да биде лесно.