„Кражба“ на векот: Барса имала преддоговор со Таварес, Реал ѝ го однел „пред нос“

Покрај ветераните во тимот, Валтер Еди Таварес е можеби најзаслужен за титулата на Реал Мадрид во последното издание од Евролигата откако претходно, во четвртфиналето против Партизан, беше незадржлив на третиот и четвртиот натпревар, одиграни во Белград.

Што и да се случи во иднина, центарот од Зеленортските Острови ќе биде запишан како една од легендите на клубот откако за неполни шест години освои вкупно 11 трофеи, вклучувајќи два во Евролигата и три во шпанското првенство. За неговиот ефект во играта, најдобро зборува тоа што ја масакрираше Барселона во полуфиналето со 20 поени, 15 скока и 4 блокади за индекс 39, а потоа, во финалето против Олимпијакос постигна 13 поени и 10 скока. За сето тоа, таварес беше прогласен за МВП на завршниот турнир во Каунас, а претходно е избран и за дефанзивец на сезоната.

Сепак, малкумина знаат дека малку недостасувало во 2017 година Таварес да заврши во лутиот ривал на Реал, Барселона. Со својата висина, а сепак мекк шут, африканскиот џин им паднал во очи на „каталонците“ уште додека го носеше дресот на Гран Канарија, од 2009 до 2015 година. Следните две сезони, од 2015 до 2017 беше во САД, обидувајќи се да избори долгорочен договор во НБА, но не успеа во тоа и главно играше во Развојната лига, за филијалите на Атланта, Сан Антонио, Детроит, Кливленд и Торонто. Во НБА има само 13 натпревари со безначаен просек од 2,5 поени и 2,5 скока.

Во 2017 година тој веќе имал преддоговор со Барселона кога Реал Мадрид почнал да се интересира за него. Тоа го призна и поранешниот тренер Пабло Ласо кој рече дека се свртел кон Таварес по тешката повреда на Огњен Кузмиќ. Од застапниците на Таварес било кажано дека тој ќе остане во САД до крајот на сезоната (2016/17), а потоа ќе дојде во Европа и ќе се приклучи на нов проект. Во Реал знаеле дека новиот проект е Барселона. Сепак, „каталонците“ го планирале Таварес како замена за Анте Томиќ во сезоната 2018/19 и тој требал една сезона да помине на друго место. Во Реал го знаеле и тоа, па почнале малку поинтензивно да контактираат со претставниците на кошаркарот. На почетокот Таварес не бил задоволен од понудената плата и рокот на договорот, но откако во Реал се повредил и Густаво Ајон, дошла нова понуда за тригодишен договор и плата од два милиона евра по сезона. Таварес не можел да го одбие и тоа и на 7 ноември 2017 година потпиша за Реал, а потоа стана најдоминантниот центар во европската кошарка.

Случајот со Таварес е само уште еден доказ за катастрофалниот менаџмент на Барселона последната деценија што се одрази и на резултатите на овој клуб. По десетина години доминација во шпанската кошарка, Барса падна во тотална сенка на својот најголем ривал, пред се поради тоа што испушти голем број квалитетни кошаркари кои подоцна отидоа во Реал. Покрај Таварес, мадридскиот клуб на Барса „пред нос“ ѝ ги зеде и Густаво Ајон, Џејси Керол, Ентони Рендолф, па и Руди Фернандес. Сето тоа придонесе, Барселона од 2013 година да освои само две титули во шпанското првенство и четири во Копа дел Реј. Трофејот од Евролигата, во Каталонија го чекаат веќе 13 сезони.