Кралот се врати на тронот, но спектаклот изостана: Ентони Џошуа го победи Енди Руиз

Ентони Џошуа го победи Енди Руиз по 12 рунди и ги врати титулите во тешка категорија по верзиите на ИБФ, ВБО, ИБО и ВБА.

Британскиот боксер Ентони Џошуа му се реваншираше на Американецт Енди Руиз во борбата за светската титула во Ријад каде славеше на поени во 12 рунди. Не баш спектакуларната борба на двајцата борци во живо ја следеа 15.000 љубители на боксот кои успеаја да дојдат до влезници за мечот од 100.000.000 долари, а Џошуа на крилата на поддршката на публиката успеа да го порази боксерот со мексиканско потекло кој минатото лето во Њујорк сензационално му ја зеде титулата со технички нокаут во седмата рунда.

Двајцата борци претпазливо влегоа во овој меч. Првата рунда дури во финишот донесе добар удар од страна на Џошуа со десно кроше, па отвори мала рана над окото на Руиз.

Сепак, буцкастиот боксер од САД не се обесхрабри. Му возврати во втората рунда во која тој на Британецот му ја „отвори“ аркадата, па продолжението донесе уште подобра борба. Во третата рунда Џошуа ги контролираше случувањата, но во четвртата го доби првото кроше, па аперкат со што Руиз дојде до првата рунда во своја корист.

Петтата рунда донесе нов напад на Руиз на Британецот, но Џошуа врза два директа, ја зголеми предноста и го поправи впечатокот кај судиите. Шестата рунда повторно му припадна на Џошуа кој со средно силно лево кроше просто го изнервира Руиз. Американецот му возврати со кроше во седмата рунда, која сепак заврши со нерешен резултат (10:10), додека во осмата двајцата си разменија неколку удари, како чисти така и валкани, на што судијата ги предупреди.

Деветтата рунда донесе иницијатива на Руиз и тактичко избегнување на клинч од страна на Џошуа. Британецот добро се движеше, знаејќи дека има предност. Во десетата Џошуа продолжи да го држи на дистанца и со леви директи му го оневозможуваше планот да нападне. Последните две рунди донесоа и последен обид за Руиз, тоа беше напад кој Џошуа повторно го избегна, отворено се тргаше, па не видовме многу интересен бокс.

Сепак, со два силни удари во последната рунда Британецот го потврди триумфот кој подоцна го аминуваа и судиите. Едногласно. Ентони Џошуа без испукан куршум ја врати шампионската титула, но веројатно ќе мора во догледно време повторно да му даде шанса на Руиз за реванш.