Крај на шпанската серија: Мауро и Ванда потпишале развод, а потоа дошло до пресврт

Вечерва заврши еднонеделната љубовна сага меѓу една од најпознатите светски брачни двојки, кога станува збор за светот на спортот.

Ванда Нара преку Инстаграм објави дека останува со својот партнер Мауро Икарди иако пред неколку дена двајцата договориле крај на нивниот брак. Што се случи, објасни водителката која последните години е и агент на својот сопруг.

„Фотографиите кои ги објавував во последно време покажуваа колку бевме добри и сеќни. Многу повреди тоа што се случи, секој ден барав развод од Мауро и кога тој сфати дека нема враќање, ми рече дека ако тоа е единствениот начин да ја прекинеме болката, треба и да го направиме.

Отидовме на адвокат, за два дена Мауро ги прифати сите услови и потпишавме договор за развод. Утредента ми напиша писмо какво никогаш порано не ми напишал: Се ти дадов и имаш се, се надевам дека можеш да бидеш среќна бидејќи и мене тоа би ме усреќило.

Тука сфатив дека и да имам се, ништо не ми значи ако не сум со него. Сигурна сум дека овој лош момент низ кој поминавме ќе не направи посилни како двојка и како семејство“, напиша Нара.

Таа и Мауро Икарди продолжуваат заедно, па напаѓачот може да се посвети на својата фудбалска кариера и да се врати максимално ангажиран во ПСЖ.