Костески и Пешевски пред Војводина едногласни: Да го поправиме впечатокот

Во пресрет на мечот од СЕХА лигата со Војводина, од таборот на битолчани ги истакнаа очекувањата.

“Имаме само еден ден за да се подготвиме за натпреварот со Војводина во СЕХА лигата. Треба да заборавиме тоа што се случи против Мотор Запорожје, да ги подигнеме главите и да покажеме добра игра и добар натпревар. Ништо не е загубено оваа сезона, има уште многу да се игра. Ја повикувам публиката да дојде да нè поддржи и на крај сите заедно да се радуваме на нова победа”изјави Ненад Костески.

Слични беа размислувањата и на Жарко Пешевски:

“Војводина е квалитетна екипа, составена од искусни домашни ракометари. Овој натпревар ни доаѓа во лош момент, но може добро да ни дојде за да ги залечеме раните и да биде еден наш нов почеток. Едно будење во кое ќе се подигнеме самите и ќе забележиме поволен резултат, не само на таа средба туку и на натпреварот што нè чека во Суперлигата против Пролет. “