Кошмарите на Брејтвејт: Ериксен беше мртов, го видов

Фудбалерот на Барселона, Мартин Брејтвејт се присети на ситуацијата со Кристијан Ериксен, на првиот натпревар од Европското првенство, против Финска.

Играчот на Интер колабираше на теренот, играта беше запрена десетина минути, но докторите успеаја да го спасат неговиот живот. Ериксен потоа помина неколку дена в болница пред да биде пуштен, а во моментов нема последици, освен тоа што е неизвесно дали ќе може да ја продолжи играчката кариера.

„Тоа беше една од најстрашните ситуации во мојот живот и шок за многу луѓе, како на стадионот, така и низ светот. Го погледнав на момент и видов дека е мртов, едноставно јасно е тоа по изгледот на неговото лице и на телото.

Почнав да се молам, чувствував дека тоа е единствената работа што можам да ја направам во тој момент. За среќа, се се заврши добро“, изјави Брејтвејт.

Без еден од своите најдобри играчи, Данска потоа стигна до полуфиналето на Европското првенство каде загуби од Англија со 1-2.